Во периодот пред осамостојување како посебно осумгодишно училиште, училиштето во Стајковци функционирало како подрачно училиште на ЦОУ „25 Мај“ н. Сингелиќ, како зграда од две училници и рурални услови со изведување настава во комбинирани паралелки. Во подоцнежниот период со развојот на селото и зголемувањето на бројот на учениците, се појавила потреба од формирање посебни паралелки за секое одделение во одделенска настава. Учениците од петто до осмо одделение, своето образование го стекнувале во ЦОУ „25 Мај“. Всушност зголемувањето на бројот на учениците, како во одделенска така и во предметна настава, наложило потреба од формирање на осумгодишно училиште во Стајковци, а идејата најнапред потекнала од месната заедница и родителите. Формираниот основачки одбор со членови Јовановски Борис, Перо Велковски, Николче Илиевски, по согледување на фактичката состојба, пристапил со акт (број и датум на акт) да се формира и регистрира основното училиште во с. Стајковци.
Во период на правното одвојување на училиштето и конституирање како правно лице во 1985 година, како ВД директор бил назначен Мирко Најдовски. По извршеното конституирање училиштето добило статус на централно основно училиште во кое спаѓале училиштето во с. Стајковци и училиштето во с. Страчинци како подрачно, во кое се изведува наставата на албански јазик.
По правното осамостојување за прв директор бил избран Николче Илиевски. Со изборот на директор и конституирањето на сите органи, училиштето почнало да се развива во сите сегменти (наставни и воннаставни). Во првата година од осамостојувањето започнало реновирање и надградба на училишната зграда со што се создале нормални услови за работа на чилиштето со акцент на унапредувањето на наставата преку воведување иновации и осовременување со нови наставни средства.
Брз напредок во првите години од осамостојување на училиштето
Во тој период била формирана првата компјутерска училница во Р. Македонија во соработка со Електро-машинскиот факултет. Во оваа компјутерска училница учениците од средното чилиште Раде Јовчевски Корчагин ги реализирале практичните часови по информатика. За успешно користење на информатичката технологија во наставата, наставниот кадар и учениците биле обучувани од асистентите на Електро-машинскиот факултет. Отворањето на првиот информатички кабинет предизвикал интерес кај многу структури во општеството поради што се снимиле околу дваесеттина телевизиски емисии од областа на информатиката.
Веќе во четвртата година од неговото формирање било рангирано прво на ниво на општина Гази Баба и четврто на ниво на град Скопје. Паралелно со унапредувањето на наставата се унапредувале и воннаставните активности. Така што во тој период учениците од ова училиште по одредени наставни предмети освојувале први и втори места во натпревари на општинско и републичко ниво и натпревари во организација на Народна техника на град Скопје. Во воннаставните активности се споменува и формирањето на ученичката задруга која произведувала дидактички помагала за реализирање на наставните содржини од предметот основи на техниката и производството (ОТП). Од работата во ученичката задруга (во која биле вклучени учениците и наставниците во слободното време) покрај работното воспитување и стекнување работни навики кај учениците, училиштето имало и финансиски ефекти кои биле искористени во опремувањето и осовременувањето на наставата, бесплатни екскурзии на учениците. Училишната задруга работела во склопот на училиштето како посебна работна единица со свои органи на управување и посебна жиро-сметка.
Директори кои раководеа со ООУ „Кирил и Методиј“, Стајковци:
1984-1985 Мирко Најдоски
1985-1989 Николче Илијевски
1989-1999 Јанче Милевски
1999/2002 Славица Анчевска
2002/2003 Христина Јанева
2003/2007 Емилија Георгиевска
2007/2015 Тоде Јовановски
2015/2018 Ана Петровска
2018/2019 Виолета Поповска
2019/2023 Анита Ангеловска