- MK
- EN
Посета на фински експерти и претставници од МЦГО и USAID
На 01.10.2021 година, централното училиште беше посетено од страна на експерти од финскиот образовен систем, во придружба на претставници од МЦГО и USAID. Имавме особена чест срдечно да ги пречекаме Сату Хонкала, виш советник во Финската национална агенција за образование, чии главни области на експертиза се глобалното образование, спречувањето насилен екстремизам, еднаквоста и предметите филозофија и етика, со претходно искуство од над 20 години како директор на мултикултурно училиште и обучувач на наставници на Хелсиншкиот универзитет, како и Кристина Каихари, виш советник во Финската национална агенција за образование и раководител на одделот за Национална наставна програма по предметите историја и општествени науки / економија, вклучително и граѓанско образование. Кристина Каихари е, воедно, и главен експерт на Финска во Советот на Европа за Мрежата на советници за образовни политики (EPAN), а претходно била координатор на Финска во Советот на Европа за Образование за демократско граѓанство / Образование за човекови права (CoE EDC/HRE). Работела над 15 години и како наставник по историја и општествени науки / граѓанско образование. Финските експерти беа специјални обучувачи на тродневната конференција „Поттикнување и проценка на партиципативна (демократска) училишна клима“ (27-29.09.2021), на која учествуваше и директорот на нашето училиште, м-р Анита Ангеловска. Од нивна страна и од страна на МЦГО, во рамки на проектот МИМО, беше изразена желба да го посетат нашето училиште, кое е пример за училиште на државно ниво во кое се негува демократска клима и култура. Посетата на финските експерти се реализира со цел запознавање со одликите на македонскиот образовен систем, начинот на кој училиштето е организирано во поглед на одвивањето на наставниот процес, изгледот на училниците и нивната опременост со нагледни средства и технологија, како и сите дополнителни училишни простории, кои се во функција на непречено одвивање на наставниот процес, меѓу кои и новоопремениот кабинет по хемија (донација на МОН), сензорната соба за учениците со посебни образовни потреби, новата комплетно опремена училишна трпезарија (специјално наменет простор за ужинка и разонода на учениците за време на одморот), како и надворешниот простор на училиштето (мини-игралиштето наменето за деца со посебни потреби, кое моментално се користи како простор за физички и слободни активности на учениците, спортската сала во изградба и просторот за игра и рекреација за помалите ученици). Гостите имаа шанса да ги посетат и учениците за време на наставата и со нив да развијат кратка дискусија на англиски јазик за знаењата и интересите поврзани со предметите што ги изучуваат. Посебен акцент на посетата на финските експерти беше ставен на интервјуто со ученичкиот правобранител, Стефани Павловска, како и претседателот на ученичкиот парламент, Марија Ѓорѓиевска, кои ги објаснија своите обврски и задолженија за почитување и заштита на правaта на учениците и промоција на ученичките иницијативи и активизмот. Интервјуто продолжи со учениците-претставници од предметна настава: Мила Здравковиќ (VI-1), Дафина Спасовска (VI-1), Јана Миланоска (VII-2), Давид Овнарски (VII-2), Софија Чупаригова (VIII-1), Мелани Козарова (VIII-2), Јана Цветановска (IX-1) и Сара Јосимовска (IX-2), кои заедно со предметните наставници по англиски јазик, Емилија Наумовска и Биљана Арсова, подготвија поздравен говор и сет прашања за финскиот образовен систем, кои им беа опсежно одговорени. Учениците имаа шанса да ги увидат сличностите и разликите во македонското и финското образование и да ги дознаат спецификите на процесот на учење во Финска. Финските ученици посетуваат задолжително основно и средно образование, најчесто го изучуваат англискиот јазик како прв странски јазик, како и шведскиот јазик, учествуваат во најразлични воннаставни активности според нивните интереси, вклучени се на образовните платформи eTwinning и Erasmus+, имаат лични образовни асистенти за ученици со посебни образовни потреби, i-Pad уреди за изведувањето дигитална настава итн. Овој значаен настан им пружа шанса на нашите ученици за идна соработка и посета на некое од финските основни училишта, што воедно би ги проширило нивните хоризонти и знаења за еден од водечките образовни системи во светски рамки. Средбата беше заокружена со симболичен коктел, каде сите присутни имаа можност да пробаат некои од традиционалните специјалитети од нашето поднебје. Посетата се реализира со почитување на сите пропишани здравствени протоколи за физичко присуство во училиште во услови на пандемија. |