Мултикултурна претстава „Кој ќе го освои срцето на Сара“ 2020

Домот на културата „Димитар Влахов“ во Автокоманда деновиве стана најпосетеното место од ученици и наставници од сите 11 основни училишта во Општината. Се бара место повеќе за мултикултурната претстава „Кој ќе го освои срцето на Сара“, во сценарио на Изабела Јакимова. Претставата и песната „Мостови на другарство“ станаа секојдневие на артистите и одговорните наставници, а проектот „Градиме заедничка иднина“, сакале да признаеме или не, бренд на Гази Баба. Денешни посетители на претставата беа ученици и наставници од основните училишта „Крсте Мисирков“ и „Кирил и Методиј“. Завршната претстава беше посетена од претставници од ОБСЕ и нашиот градоначалник, г-н Борис Георгиевски. Крајот беше одбележан со скромни подароци врачени до артистите лично од нашата актерка Изабела и заедничко дружење по завршување на претставата.

Искрено им се заблагодаруваме на сите посветени колеги, на кои деновиве Домот на културата им стана втор дом, како и на раководителот Петко, кој се покажа како најдобар домаќин и организатор. Но најмногу им се заблагодарувамe на децата, директни или индиректни учесници во целата приказна. Тие, за разлика од нас, возрасните, многу повеќе умеат да ценат вистински вредности, да препознаваат искрени намери и да возвратат двојно повеќе од тоа што ќе им дадете.

Драги ученици, вие сте главните мотиватори за опстанокот на оваа идеја и креатори на едно општество во кое како возрасни ќе бидете пример за другите, а не обратно. Многу се гордееме што сте трпеливи и воздржани, културни и воспитани и што знаете дека само заедно е вистинскиот патоказ кон иднината. Без вас, оваа приказна нема смисла, затоа што нѝ давате надеж дека голем дел од предрасудите и стереотипите ќе станат минато, а луѓето ќе бидат само човечки суштества со сите свои позитивни и негативни особини.

Ви благодариме од срце. А ние не застануваме со активностите. Наскоро ќе ве изненадиме со нешто ново.